Ликовна работилница
Ликовната работилница наменета за Јуниорите е место кадешто секој може да ја испроба својата креативност и да научи нешто ново за сликарските тајни и техники. Оваа година ликовната работилница е фокусирана на уметнички ликовни креации инспирирани од Планетата Земја. Работилницата се одвива под менторство на Моника Мотеска, дипломиран сликар со долгогодишно искуство и бројни самостојни изложби, но и богато искуство во работа со деца.
Музичка работилница
Музичката работилница оваа година ќе ѝ биде посветена на филмската музика. Учесниците ќе се запознаат со значењето на музиката во филмската уметност и со интеракцијата меѓу музиката и филмот. Низ примери и музички приказни, Лада Шоптрајанова Петровска, виолинистка и писател, ќе ги води учесниците низ дела од класичната музика користени во филмовите, но и низ музика специјално напишана за филм и низ други интересни теми.. и музички дела.
Работилница за готвење „Готвиме филм“
Готвењето овозможува креативно изразување, а исто така готвењето во група и за други го подобрува чувството на општо добро и ја подобрува конекцијата со другите. Работилницата ќе го искомбинира интересот за филмови со извонредни гастрономски активности! Децата во група ќе подготуваат храна под менторство на Бранко Попоски кој неколку години готви вкусни приказни под името Cooking with Branko, која потоа ќе можат да ја вкусат.
Програмирање со Scratch
Работилницата „Програмирање со Scratch“ наменета за групата Јуниори ја спроведува Едукативниот центар за компјутерско образование „Едуфронт“ од Скопје. „Едуфронт“ е посветен на развивање на логичкото размислување, креативните вештини, способностите за решавање на проблеми и иновативниот дух на децата. Програмите на Едуфронт ги учат децата како креативно да ја користат компјутерската технологија и напливот на информации во современата дигитална ера. Преку активности од програмата „ПрограмИграм во Scratch“ младите учесници во текот на петдневната работилница ќе се воведат во програмирањето со најинтуитивниот програмски јазик Scratch. Scratch е програмски јазик базиран на визуелни блокови за програмирање што им овозможува на корисниците да научат компјутерско програмирање додека работат на лично значајни проекти како што се анимирани приказни и игри. Главна цел на Scratch е да ги воведе и запознае со програмирање оние кои немаат претходно искуство во програмирање. Во текот на работилницата децата ќе се запознаат со многу математички концепти (координати, променливи/варијабли и др.) и компјутерски идеи и концепти (низи, услови, циклуси, итерации и др.) на мотивирачки начин и давање смисла и конкретно значење. Учењето ќе биде искуствено, практично и креативно со изработка на проекти – програми за интерактивни колажи, приказни, анимации и игри.