Мултимедијална училница „Живот на социјалните мрежи“ (Una vitа da social)
Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ја имаше честа да биде домаќин на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“ кој се реализираше како одделен проект со едукативни предавања со ученици, студенти, наставници и родители. Овој патувачки проект веќе седум години се реализира низ цела Италија, како дел од европскиот проектот „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, што го координира Министерството за образование и наука на Италија, а се реализира преку Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи. Годинава, Одделението за безбедност во комуникациите одлучи првата и единствена меѓународна активност во рамките на проекот да биде спроведена токму кај нас, за време на фестивалот „Џифони Македонија“.
Мултимедијалната мобилна училница, покрај за учесниците на „Џифони Македонија“, беше отворена и за учениците од училиштата во Скопје на неколку локации и тоа пред Младинскиот културен центар, пред платото на „Скопје Сити Мол“, пред „А1 Арената Борис Трајковски“ и на плоштадот „Фонтана“ во Градскиот парк.
Проектот се реализираше во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и со Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а за успешна реализација на едукативните активности се погрижија и СВР Скопје, Град Скопје, Општина Карпош, Општина Центар, Министерството за образование на РСМ и низа други институции. Оваа училница покрај повеќе од 600 учесници на фестивалот, ја посетија над 1500 ученици од училиштата во Скопје.