Фотографија
Фотографијата е дел од секојдневниот живот. Но фотографијата е и уметност која крие многу тајни. Учесниците на оваа работилница ќе учат за техниките и тајните на добрата уметничка фотографија од Роберт Јанкулоски, професионален фотограф со долгогодишно искуство, професор по фотографија и истражувач.
Креативно пишување
Работилницата за креативно пишување, под менторство на поетесата и слемерка Елена Пренџова, е наменета за сите оние кои имаат желба да пишуваат, со или без книжевно предзнаење. Работилницата има за цел да ја разбуди имагинацијата и креативноста на учесничките и учесниците, да ги носочи и да ги охрабри да го искористат својот креативен капацитет во креирање авторски текстови напишани според соодветна задача, како и да ја поттикне нивната љубов и навика кон читањето и книжевната уметност воопшто. Работилницата исто така има за цел да ги запознае младите со слем-поезијата, како и со перформативната поезија – нов и современ начин на интерпретација и пишување поезија кој, кај нас, е во подем. Во контекст на тоа, работилницата ќе ги запознае со техниките на пишување ваков тип поезија, техниките на изведба, како и техниките на учење текст напамет и самопродукција на слем-видео како завршен производ на севкупниот креативен процес. Работиницата има образовен карактер и е и теоретски и практично одредена, што подразбира дека акцентот ќе биде ставен на креативниот капацитет и развој на средношколките и средношколците, но на и давањето насоки како конкретно да го искористи, во вистински правец и со максимален капацитет.
Анимиран филм
Работилница за техниките на анимацијата. Учесниците со едноставни апликации и со својата богата имагинација ќе создадат кратки анимирани филмови. Работилницата е под менторство на Крсте Господиновски, професор по анимација на факултетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ и режисер на анимирани филмови.
Цртани ликови
Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во Македонија, ќе им открие на учесниците на оваа работилница неколку брзи техники и трикови за создавање на уникатни цртани ликови. Домашната јавност најмногу го препознава по илустрациите на омилениот детски лик Петко, во светот полудуваат по неговите цртежи на ликовите од популарната серија „Игра на троновите“, а неговото име стои рамо до рамо со легендите од светскиот стрип и илустрација во книгата „The Sakai Project“. Битолчанецот Михајло Димитриевски, попознат како Тхе Мичо, е еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во земјава, но во изминатите години стана славен и кај пасионираните љубители на стрипот и илустрациите низ светот.
Дигитален дизајн
Со оваа работилница учесниците ќе имаат можност да научат како визуелно да комуницираат, дури и во услови со ограничени материјални и технички ресурси и како со помош на бесплатната платформа Canva да креираат постови за социјалните мрежи. Дополнително работилницата ќе поттикне индивидуална и тимска работа, како и критичко размислување. Работилницата ќе ја води Ладислав Цветковски, професор по графички дизајн на факултетот за ликовна уметност.