Сабота 8 октомври, 17:00 – МКЦ, Фросина
Што се случува кога театарската сцена и публиката стануваат едно? Кога публиката има можност да одлучува за судбината на ликовите на сцената?
За ова ќе ни зборуваат Наталија, Мартин и Сергеј од Импров Настап.
Во средбата со учесниците на десеттото издание на Џифони Македонија, нашите гости ќе раскажат како дојдоа до оваа идеја, кои се правилата на играта и што е потребно за да се биде „професионален импровизатор“.
Заснован на игри за импровизација, адаптирани да се играаат пред публика, Импров Настап е комична, непосредна, но комплексно структуирана театарска претстава, обврзана да критикува, демистифицира и образува, оградувајќи се од вулгарност и прост подбив.
За време на Импров Настапот, актерите играат сцени за кои немаат сценарио, но имаат правила, во зависност од играта. Овој вид на ‘целовечерна претстава без сценарио’ ѝ дава можност на публиката директно да учествува во создавањето на содржината преку задавање на локации, ликови или проблеми во сцените, кои актерите за прв пат ги играат.
Членови на групата се професионални актери:
Мартин Манев
Григор Јовановски
Наталија Теодосиева
Тони Денковски
Дамјан Цветановски
Сергеј Димовски
Ангела Стојановска
и режисери кои имаат улога на водители:
Борјан Стојков – театарски режисер
Андреј Цветановски – филмски режисер
Сабота, 8 октомври, МКЦ – Фросина, во 17:00
Влезот е слободен, до пополнување на местата