Фотографија
Фотографијата е дел од секојдневниот живот. Но фотографијата е и уметност која крие многу тајни. Учесниците на оваа работилница ќе учат за техниките и тајните на добрата уметничка фотографија и најважното за оваа работилница – Како да испратите поракапреку кадрирањето. Повеќе за работилницата за фотографија на тема Испраќање порака преку кадрирањето може да прочитате овде.
Видео Монтажа
Во филмската уметност монтажата e алатка уште од самите почетоци на оваа професија – со лепење еден до друг два кадра кои произведуваат нова емоција или нова мисла кај публиката. На оваа работилница ќе ги научите основни вештини за снимање и видео монтажа со која може да создавате различни значења од истиот снимен материјал, да разбирате како медиумите и филмот можат да влијаат врз публиката и да го користите визуелниот јазик правилно и креативно како и да ги препознавате суптилно испратените пораки во медиумите и филмовите.
Повеќе за работилницата за Видео монтажата како алатка за менување на контекст може да прочитате овде.
Анимиран филм
Работилница за техниките на анимацијата. Учесниците со едноставни апликации и со својата богата имагинација ќе создадат кратки анимирани филмови. Работилницата е под менторство на Крсте Господиновски, професор по анимација на факултетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“ и режисер на анимирани филмови.
Стрип
Стрип работилницата е замислена како простор за креативно изразување на младите таленти, со акцент на визуелизирање на нивните оригинални идеи, од фантастика до суперхерои. Едукацијата на најмладите за убавините на стрипот и неговата пристапност како медиум во кој тие можат да ја насочат својата креативност и желба за цртање, и на тој начин да ја олицетворат својата бујна детска фантазија во форма на стрип. Секако, процесот при креирање на стрип е главна основа која сакаме да ја пренесеме, од идеа и сценарио, до цртење и туширање. Стрипот е печатен медиум, па после завршувањето на работилниците планирана е групна изложба на нивните сработени дела, во склоп на фестивалот Џифони. Стрип работилницата ќе ја водат стрип авторите Здравко Гиров и Давор Драмиќанин од здружението „МАКСТРИПОВИ“ од Скопје.
Дигитален дизајн
Со оваа работилница учесниците ќе имаат можност да научат како визуелно да комуницираат, дури и во услови со ограничени материјални и технички ресурси и како со помош на бесплатната платформа Canva да креираат постови за социјалните мрежи. Дополнително работилницата ќе поттикне индивидуална и тимска работа, како и критичко размислување. Работилницата ќе ја води Ладислав Цветковски, професор по графички дизајн на факултетот за ликовна уметност.
ONE TAKE ВИДЕО
По две години пауза заради рестрикциите поради пандемијата, оваа работилница се враќа на сцена. Работилницата на која учесниците ќе осмислат сценарио и кореографија за снимање на забавен видео клип во еден единствен кадар низ просториите на МКЦ, кој потоа самите ќе го снимаaт. Работилницата ќе ја водат режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.