Во рамките на Џифони Македонија имаме чест да бидеме домаќини на патувачката училница Живот на социјалните мрежи (Una vita da social), која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители ширум Италија. Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи.
Проектот е поддржан од Амбасадата на Италија во Скопје и од Министертсвото за внатрешни работи на РСМ , а за успешна реализација на едукативните активности се погрижија и СВР Скопје, Град Скопје, Општина Карпош, Општина Центар, Министерството за образование на РСМ и низа други институции.
Од 12 до 17 октомври патувачката училница Una vita da social – Живот на социјалните мрежи ќе престојува на повеќе локации во градот и во неа ќе се изведат интерактивни едукативни средби во кои експертите ќе им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби.